Канадските здравствени власти објавија дека ја одобруваат употребата на вакцината против Ковид-19 на Фајзер/Бионтек за деца на возраст од 5 до 11 години.
„По целосно независен научен преглед, Министерството за здравство утврди дека придобивките од оваа вакцина за деца на возраст од 5 до 11 години ги надминуваат опасностите“, се вели во соопштението на властите.
Дозата на вакцината за овие деца е намалена на 10 микрограми по инјекција, или три пати помалку од вообичаената доза. Инјекциите треба да се даваат со разлика од три недели, соопшти Health Canada, но не кажа кога ќе започне вакцинацијата.
„Ние работиме тесно со производителот и по одобрувањето од Health Canada очекуваме да ги добиеме дозите многу брзо“, рече Тереза Там, главен канадски службеник за јавно здравје, на прес-конференција.
Високиот функционер прецизираше дека федералните власти соработуваат со 13 провинции и територии за да се уверат дека сите се подготвени за испорака, логистика и спроведување на педијатриска имунизација.
За време на клиничките испитувања, имунолошкиот одговор на децата на возраст од 5 до 11 години бил сличен на оној на младите луѓе на возраст од 16 до 25 години. Вакцината била 90,7 отсто ефикасна во спречувањето на Ковид-19 кај деца на возраст од 5 до 11 години и не се забележани сериозни несакани ефекти, соопшти Министерството.
„Фајзер“ аплицираше за одобрување на 18 ноември врз основа на податоците од студиите спроведени на 2.268 деца од таа возрасна група.
Во средата, американската биотехнолошка компанија „Модерна“ поднесе барање за одобрување на својата вакцина против Ковид за деца на возраст од 6 до 11 години.
Во Канада, повеќе од 85 отсто од луѓето на возраст над 12 години се вакцинирани против Ковид-19.
На друго место во светот, мал број земји, вклучувајќи ги Израел и Соединетите држави, досега ја одобрија вакцината на Фајзер/Бионтек за деца.
Кина, Обединетите Арапски Емирати, Камбоџа и Колумбија исто така почнаа да ги вакцинираат децата помлади од 12 години, но со кинески вакцини.
Израел во вторник почнува да ги вакцинира децата на возраст од 5 до 11 години со вакцината на Фајзер/Бионтек.