Работодавецот, а не вработениот да го плаќа ПЦР тестот ако тој не сака да се вакцинира против ковид-19, а вработениот во јавните и приватни установи да добие два слободни платени денови ако се вакцинира, договорија вечерва министерот за здравство Венко Филипче со претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.
За овој предлог, како и предлогот за задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници ќе се одлучува на утрешната седница на Влада.
-Разговаравме за некои нивни предлози, тоа што го побараа претставниците од синдикатот, ќе биде разгледано утре на седницата на Владата, мерката од моментот на донесување важи после 15 денови за едукација на членството во синдикатите, да бидат дадени два слободни платени денови на денот на вакцинација и следниот ден, и последното барање е оние кои што не сакаат да се вакцинираат и ПЦР тестот кој треба да се прави да не биде на сопствен трошок, туку на сметка на работодавачите. За сите овие предлози ќе дискутираме на утрешната седница на Владата, рече министерот Филипче.