Кардиоваскуларна болест (КВБ) се болести кои влијаат на срцето или крвните садови (вените и артериите). Тие можат да бидат предизвикани од комбинација на бихејвиорални, социо-економски и фактори на ризик од животната средина, вклучувајќи лоша исхрана, употреба на тутун, физичка неактивност, штетна употреба на алкохол, загадување на воздухот, висок крвен притисок, висок холестерол, дијабетес, дебелина, бубрежни заболувања и стрес. Семејната историја, етничката припадност, полот и возраста исто така може да влијаат на ризикот од кардиоваскуларни болести.
КОИ СЕ РАЗЛИЧНИТЕ ВИДОВИ КАРДИОВАСКУЛАРНИ БОЛЕСТИ?
Срцева болест
Коронарната срцева болест, понекогаш наречена коронарна артериска болест или исхемична срцева болест, е најчестиот тип на срцева болест. Се однесува на проблеми со срцето предизвикани од стеснети коронарни артерии кои го снабдуваат срцевиот мускул со крв. Кај некои луѓе, првиот знак на коронарна срцева болест е срцев удар.
Срцев удар
Срцев удар или миокарден инфаркт се случува кога, обично поради формирање на коагулум, згрутчување на крвта, протокот на крв во срцето е прекинат. Без кислород и хранливи материи, срцевиот мускул почнува да умира. Срцевиот удар може да предизвика трајно оштетување на срцето и може да биде фатален, особено ако не се обезбеди итна медицинска помош и третман.
Мозочен удар
Мозочниот удар се јавува кога протокот на крв во мозокот е прекинат, поради што мозокот го губи своето витално снабдување со кислород и хранливи материи. Мозочниот удар може да биде предизвикан од згрутчување на крвта во мозочната артерија или крвен сад во мозокот кој пука и крвари, оштетувајќи го мозочното ткиво.
ДРУГИ СОСТОЈБИ
Аритмија – неправилно или абнормално чукање на срцето
Аортна болест (вклучувајќи аортна аневризма) – болест која предизвикува аортата да се прошири или пукне
Кардиомиопатии – болести на срцевиот мускул
Вродени срцеви заболувања – проблеми со срцето или крвните садови кои се присутни при раѓање
Длабока венска тромбоза и белодробна емболија – згрутчување на крвта во вените на нозете, што може да се ослободи и да стигне до срцето и белите дробови преку крвотокот
Срцева слабост – состојба во која срцето не пумпа крв како што треба
Заболување на срцевите залистоци – болест на срцевите залистоци кои го одржуваат протокот на крв низ срцето
Перикардијална болест (перикардитис) – воспаление на тенкото ткиво кое го опкружува срцето
Ревматска срцева болест – оштетување на срцевиот мускул и срцевите залистоци од ревматска треска, предизвикано од стрептококни бактерии
Васкуларна болест (болест на крвните садови) – секоја состојба што влијае на системот на крвните садови
Периферна васкуларна болест (вклучувајќи периферна артериска болест) – болест на крвните садови што ги снабдуваат рацете и нозете
Цереброваскуларна болест – болест на крвните садови кои го снабдуваат мозокот
КОИ СЕ СИМПТОМИ НА КАРДИОВАСКУЛАРНИТЕ БОЛЕСТИ?
Важно е да се знае дека кардиоваскуларните заболувања не мора да бидат придружени со симптоми долго време, а првиот знак може да биде срцев или мозочен удар.
Симптомите на кардиоваскуларни болести варираат во зависност од состојбата што ја имате и може да вклучуваат:
болка во градите, стегање во градите, притисок и непријатност во градите
болка, слабост или вкочанетост во нозете и/или рацете
болка или непријатност во рацете, вратот, рамената, вилицата и грбот
отежнато дишење
брзо заморување за време на вежбање или други активности
промени во срцевиот ритам
многу брзи или бавни отчукувања на срцето, палпитации или треперење во градите
вртоглавица, зашеметеност или несвестица
слабост или замор
отекување на рацете, нозете, глуждовите или стапалата
треска
осип на кожата или невообичаени дамки
сува или упорна кашлица
Симптомите на срцев удар кај мажите се најчесто интензивна болка во градите, болка во левата рака или вилица и отежнато дишење.
Иако жените може да имаат некои од истите симптоми, нивната болка е почесто дифузна, се шири на рамената, вратот, рацете, стомакот и грбот. Жените може да доживеат пречки во дигестија и болка која можеби не е постојана. Можно е и отсуство на болка, но може да се појави необјаснива вознемиреност, гадење, вртоглавица, палпитации и ладна пот. На срцев удар кај жените може да му претходи необјаснет замор. Жените исто така имаат поголема веројатност да имаат потешки први срцеви удари што доведуваат до смрт, во споредба со мажите.
Ако почувствувате болка во градите, отежнато дишење и/или несвестица, веднаш побарајте лекарска помош.
Кардиоваскуларните заболувања, вклучително и срцевите заболувања, полесно се лекуваат доколку се откријат рано. Ако сте загрижени за здравјето на вашето срце, разговарајте со вашиот лекар за чекорите што можете да ги преземете за да го намалите ризикот од срцеви заболувања, особено ако имате семејна историја на срцеви заболувања.
КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРААТ КАРДИОВАСКУЛАРНИТЕ БОЛЕСТИ?
Процесот на дијагностицирање на кардиоваскуларни болести зависи од вашите симптоми и состојбата што вашиот лекар мисли дека ја имате. Лекарот ќе ја прегледа вашата медицинска и семејна историја, факторите на ризик и ќе ве прегледа. Покрај ова , ќе ги земе предвид и резултатите од извршените тестови и процедури.
Кардиоваскуларните заболувања се дијагностицираат со помош на серија лабораториски тестови и тестови за снимање ( РТГ на граден кош,ЕКГ,ехокардиографија,КТ,МРИ,срцева катетеризација и коронарна ангиографија).
ШТО ВКЛУЧУВА ТРЕТМАНИОТ НА КАРДИОВАСКУЛАРНИ БОЛЕСТИ?
Според Светската здравствена организација, дури 80% од сите срцеви и мозочни удари можат да се спречат. Повеќето смртни случаи од кардиоваскуларни болести се предизвикани од фактори на ризик како што се висок крвен притисок, висок холестерол, дебелина или дијабетес, кои во голема мера може да се спречат или контролираат со здрава исхрана, редовно вежбање и избегнување тутун. Исто така, многу е важно да се следи крвниот притисок, нивото на холестерол и нивото на шеќер во крвта.
Третманот за кардиоваскуларни болести може да варира во зависност од состојбата, но може да вклучува:
здрави животни навики како правилна исхрана, редовно вежбање, непушење, избегнување употреба на алкохол
лекови, вклучително и оние кои третираат или намалуваат фактори на ризик, како што се лекови за намалување на крвниот притисок или лекови против згрутчување
уреди како што се пејсмејкери или имплантирани кардиовертер-дефибрилатори (ICD)
медицински процедури вклучувајќи коронарни стентови, операција на срцеви залистоци или коронарна бајпас операција
Извор: World Heart Federation