Неделава ќе почне да се работи на иницијатива со која се предвидуваат измени на законски и подзаконски акти на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ), кои ќе бидат во насока да се цени секој случај индивидуално, а не да се категоризираат предметите, рече заменик омбудсманот на Северна Македонија Јован Андоновски одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот Леонид Индов.
Тој посочи дека засега немаат никаква реакција од Фондот, во врска со најавената иницијатива.
– Засега немаме никаква реакција од ФЗОРСМ. Ние најавиме иницијатива. На таа иницијатива ќе почне да се работи оваа недела. Со неа предвидуваме измени на Законот и на подзаконските акти, особено на подзаконските акти на ФЗОМ коишто се застарени и антидатирани. Измените би биле во насока на тоа да се цени секој случај индивидуално, значи не може да се категоризираат предметите само дали станува збор за лекување или за рехабилитација, особено за оние случаи кога станува збор за животозагрозувачка состојба на пациентите – изјави денеска Андоновски по учество на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во Скопје.
Тој потврди дека случаите со Леонид Индов и Јани Иванов од Неготино не се единствени, туку постојат повеќе случаи на кои ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман.