Вкупно 18 деца до деветгодишна возраст се заразени со коронавирус, информираше на денешната прес-конференција епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
-За деца до 9 години имаме 18 деца позитивни на корона вирус. Клиничката слика кај сите е релативно лесна и немало потреба од подолга хоспитализација, рече доктор Микиќ.
Епидемиологот Микиќ вели дека има индиции дека населението кое примило БСЖ вакцина, која се дава против туберкулоза, е поотпорно на коронавирусот.
„Точно е дека постојат некои претпоставки за тоа дека лицата кои ја примиле БСЖ вакцината, како што е случај со регионот на Балканот, и во Македонија сè уште се дава една доза, се поотпорни на КОВИД-19. Претпоставката е дека како имуномодулатор оваа вакцина можеби делува на зголемување на отпорноста кон КОВИД-19. Ќе потенцирам дека се работи за многу рана фаза од овие испитувања за да можеме да донесеме каков било конкретен заклучок или да ја препорачаме како мерка за масовна употреба. Постојат индиции дека тоа е можеби така, како што се впрочем и третманите кои се користат, но сè уште е далеку од фаза да биде дефинитивен доказ. Верувајте сè што е и малку меродавно, ќе биде преземено и кај нас“, итакна д-р Микиќ.
фото: Архива