20 март – светски ден на оралното здравје

Во пресрет на Светскиот ден на оралното здравје – 20 март треба да се истакне дека оралните болести се многу распространети, односно, повеќе од 3,5 милијарди луѓе страдаат од нив. Тие се тесно поврзани со незаразните болести, што доведува до значителен здравствен, социјален и економски проблем (Global, regional, and national incidence, prevalence, and years lived with disability for 354 diseases and injuries for 195 countries and territories, 1990–2017: a systematic analysis for the Global Burden of Disease Study 2017. Lancet 2018;392: 1789–1858. doi: 10.1016/S0140-6736(18)32279-7).

Иако има забележителни подобрувања во некои земји, товарот на лошото орално здравје останува, особено меѓу најранливите групи во општеството.

Нетретираниот забен кариес (расипување на забите) кај трајните заби се јавува кај 2,3 милијарди луѓе, повеќе од 530 милиони деца страдаат од нетретиран забен кариес на млечни заби и 796 милиони луѓе се погодени од пародонтални заболувања.

Раната појава на кариес во детстката возраст е најзастапена кај популацијата во ранливите групи. Оваа состојба во голема мера може да се спречи со превземање на одредени активности.

Оралните карциноми се меѓу најраспространетите карциноми во светот со 180 000 смртни случаи секоја година.

Нома, некротизирачко заболување кое започнува во устата, е фатално за 90% од заболените деца во сиромашните заедници, претежно во некои региони во Африка, што доведува до доживотни оштетувања, а често и социјално исклучување.

Економското оптоварување поради лошото орално здравје и оралните болести ширум светот изнесува 545 милијарди долари во директни и индиректни трошоци, рангирајќи го лошото орално здравје меѓу најскапите здравствени трошоци, како што се дијабетесот и кардиоваскуларните болести.

Лошото орално здравје освен болка, непријатност, намалување на квалитетот на животот и благосостојба, доведува до отсуство од училиште и на работното место, што предизвикува намалување на ефектите во учењето и намалување на продуктивноста.

Дека лошото орално здравје влијае врз квалитетот на животот и здравото стареење укажува и фактот дека тоа е причина за доста честа појава на пневмонија кај постарите луѓе, особено оние кои живеат во установи за нега на стари лица и за лицата со попреченост.

Лошото орално здравје влијае на општата здравствена состојба кај луѓето. Постојат индиции на особена поврзаност на лошото орално здравје со кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, рак, пневмонија и предвремено раѓање.

Проблемот со лошото орално здравје рефлектира значителни нееднаквости, помеѓу земјите како и внатре во самите држави, односно, несразмерно ги погодува земјите со низок и среден приход, а најмногу ги погодува луѓето од пониско социоекономско потекло и други ризични групи, како што се лицата кои не можат да ја одржат својата орален хигиена самостојно поради нивната возраст или попреченост.

Треба да се потенцираат и многуте фактори на ризик што ги споделуваат оралните болести со незаразните болести, како што се употребата на тутун, штетната употреба на алкохол, високиот внес на слободни шеќери и лошата хигиена.

Од сето ова произлегува потребата да се интегрираат стратегии за унапредување на оралното здравје, превенција и третман во севкупните политики за незаразни болести.

Оралните болести се важни компоненти на незаразните болести и продолжуваат да бидат водечки јавноздравствен проблем и во Европскиот регион.

Во земјите од Европскиот регион, расипувањето на забите кај 6-годишните деца варира од 20% до 90%.

Во возрасната група од 65-74 години, преваленцата на луѓе кои ги изгубиле сите свои природни заби се движи од околу 20% до 50%.

Луѓето без природни заби може да имаат функционални проблеми, што го нарушува квалитетот на нивниот живот. Проблемите со оралното здравје и пристапот до примарна орална здравствена заштита покажуваат многу високи разлики во земјите низ Европа.

Најчести орални заболувања се:

  • забен кариес,
    пародонтална болест,
    орален карцином,
    орални заразни болести,
    траума од повреди

Оралните болести може да предизвикат болка и непријатност, а често го нарушуваат и квалитетот на животот. Покрај тоа, некои орални болести се поврзани со хронични заболувања, како што се пародонталната болест и дијабетесот, забниот кариес и дебелината.

Оралните болести ги погодуваат луѓето од сите возрасти. Тоа подразбират губење на училишни и работни часови и претставуват значителен економски товар за поединецот и општеството.

Проблемот со оралните болести и другите хронични болести во Европскиот регион може да се намали со превенција насочена кон населението, која истовремено се справува со заедничките фактори на ризик.

Пристап до услуги за орално здравје.

Нееднаквата распределба на професионалците за орално здравје и недостатокот на соодветни здравствени установи во повеќето земји значи дека пристапот до примарните услуги за орално здравје е често низок. Севкупно, според истражувањето на возрасните кои изразиле потреба од услуги за орално здравје, пристапот се движи од 35% во земјите со низок приход до 60% во земјите со понизок среден приход, 75% во земјите со високи среден приход и 82% во земјите со високи приходи. Покрај тоа, дури и во услови со високи приходи, стоматолошкиот третман е скап, во просек 5% од вкупните здравствени трошоци.

Превенција

Товарот на оралните болести и другите незаразни болести може да се намали преку интервенции во јавното здравство со решавање на заедничките фактори на ризик.

Тие вклучуваат:

  • промовирање на добро балансирана исхрана со малку слободни шеќери и богата со овошје и зеленчук, и фаворизирање на водата како главен пијалок;
  • прекин на употребата на сите форми на тутун, вклучително и џвакање на арека ореви;
    намалување на потрошувачката на алкохол; и
  • поттикнување на употреба на заштитна опрема при спортување и патување на велосипеди и мотоцикли (за да се намали ризикот од повреди на лицето).
  • Соодветната изложеност на флуор е суштински фактор во спречувањето на забен кариес. Оптимално ниво на флуор може да се добие од различни извори како што се флуорирана вода за пиење, сол, млеко и паста за заби. Треба да се охрабри четкањето на забите двапати дневно со паста за заби што содржи флуор (1000 до 1500 ppm).
Exit mobile version