Тестирани се вкупно 16.074 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 2,9% во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 1.696 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, со намалување од 7,5% во однос на минатата недела (n=1.834). Процентот на позитивност се движи од 4,0% до 14,3%, просечно 10,1%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.032; 60,8%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 224,2/100.000 и Скопје – 162,7/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=455; 26,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=51; 3,0%).
Во однос на претходната недела, се регистрира незначително зголемување на бројот на заболени кај возрасните групи од 50-59 години и 60+. Кај сите останати возрасни групи се забележува намалување во споредба со минатата недела, со најзначително намалување кај возрасните групи 10-19 (24,2%) и 0-9 (17,7%).
Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.738 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 1,7% помалку во споредба со минатата недела (n=1.768).
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 268 реинфекции, со намалување од 13,3% во однос на претходната недела. Пријавени се 17 смртни случаи во 8 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела (21-27.03.2022), за 13,3% повеќе во однос на претходната недела (n=15). Најголем дел од нив се од Скопје (8). Во однос на возраста, регистрирани се 16 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.
Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ на РСМ, во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 95
позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.
Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 21-26.03.2022 година, од следните градови: Скопје, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Велес, Свети Николе, Кочани, Прилеп, Куманово, Штип, Неготино, Виница, Дојран и Гевгелија.
Во 5 (5,3%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 90 (94,7%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.