Филипче: Најмногу од новите случаи се заразени на семејни прослави и собири

Комисијата за заразни болести предложила, а Владата утре на седница ќе дискутира и ќе одлучува за евентуално враќање на рестрикциите на движењето, истакна на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Што се однесува на зголемениот број на инфицирани случаи министерот потенцираше дека најголем број од заболените се инфицирале на семејни или други собири.

„Огромен процент од новозаболените се со лесна клиничка слика или асимптоматски и од вкупниот број хоспитализирани само 8 пациенти се на механичка вентилација“, истакна Филипче и додаде:

„Околу 65% од активните случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а 90% спаѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата и во другите 3 кризни региони. Оваа кластерска анализа покажа дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир околу 23, 24, 25 мај пред 2 недели. Анализата во последните 7 дена покажа дека успеавме жариштата да ги задржиме во рамките на територијални целини. Една од дилемите која се појави е ширењето во другите општини во Скопје, надвор од првичните неколку кризни, а тоа е очекувано бидејќи градот функционира како целина и голем број од овие случаи се исто така резултат на собири“, истакна Филипче.

Министерот е категоричен дека непочитувањето на мерките за заштита го донесе вториот бран и треба да извлечеме поука од тоа.

фото: Архива

Exit mobile version