Министерот за здравство, Венко Филипче На денешната прес-конференција, истакна дека број на заболени од корона вирусот во земјава изнесува 26 лица.
На прашање од новинар, кога се очекува да биде пикот односно најголемото ширење на вирусот и која е бројката што би можела да ја очекуваме во Македонија за заболени, Филипче истакна:
-Ќе дадам одговор, кој треба да се земе со доза на резерва, односно никој точно не знае како ќе биде. Според првичните проценки, пикот на вирусот кај нас би требало да се случи за еден месец, а бројот на заболени од вирусот може да се искачи до 2.000 лица.
Министерот додаде дека позитивни се тестовите за кои синоќа кажа дека се направиле на на приватната клиника ’Жан Митрев‘ . Станува збор за скопјанец кој една недела имал симптоми на грип и брачна двојка од Скопје која пред неколку дена се вратила од Бугарија.
„Тие ги направиле тестовите на приватната клиника ’Жан Митрев‘ кои биле позитивни, но направивме контролни тестови во Центарот за јавно здравје и беа повторно позитивни. Се изработуваат тестовите на членовите на неговото семејство. Тој имал гости од Србија и во моментов се контактираат и тие. Сопружниците дошле од Бугарија пред некој ден и вчера член на семејството ги донел во приватната клиника. Тие сè уште се дома и во текот на денот ќе бидат донесени на Инфективната клиника“, кажа Филипче.
Од заболените во земјава 17 се во Скопје, а 9 во Дебар и сите се во стабилна состојба.
фото: Архива