Филипче: Првите вакцини од Фајзер и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз, планот за вакцинација е подготвен

Не постои законска пречка за прием на вакцините против Ковид 19 во нашата земја. Првите дози на вакцината Фајзер која е договорена во директни преговори со производителот, како и 8000 дози вакцини кои од Република Србија треба да пристигнат во нашата земја ќе бидат со интервентен увоз. Измената на Законот за лекови е поради глобалната политика на Фајзер кои инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво коешто е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа, одговори министерот за здравство д-р Венко Филипче, на новинарски прашања, поставени од Канал 5 и Сител.

-Србија е единствената земја во целиот регион каде има локално претставништво на Фајзер и тоа на некој начин им ги забрза работите. Но, и тоа не е пречка свесни дека е таква нашата законската регулатива, производителот Фајзер, се согласи првите количини вакцини кои ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија да дојдат со т.н интервентен увоз, за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација – вели министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Производителот Фајзер на нашата земја и излезе во пресрет, несакајќи да се забави динамиката на пристигнување на вакцините.

-Со оглед на тоа што инсистираат регистрацијата да се случи кога тогаш, несакајќи да ја забават динамиката на пристигнување на вакцините, се согласија тоа да биде за следните количини, во следните месеци поради тоа што ние поднесовме измена на Законот за лекови во Собранието за да овозможиме, оваа конкретна вакцина да се регистрира преку апликант кој не е регистриран како компанија во нашата земја – објаснува Филипче.

Што се однесува до испораката на вакцините од Република Србија, Филипче појасни дека во моментов се чека одобрување од компанијата Фајзер, за интервентен увоз.

-Во интензивна комуникација сме со компанијата изминатите два дена, паралелно на нашите разговори во врска со нашиот директен договор, сега се чекаат и фајловите за да се дозволи таа количина од Србија да биде пратена во нашата земја. Тоа значи дека компанијата Фајзер води сметка за буквално сите количини кои ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји – додава министерот.

Во врска со измените на Законот за лекови, министерот изминатиов период имаше средби со пратеници на опозицијата кои во разговор со него изразија поддршка и конструктивност за измените на Законот.
Што се однесува до вакцините кои во земјава треба да стигнат преку Ковакс механизмот, министерот Филипче на 29 јануари ќе има состанок со претставниците од тој систем кога се очекува да добие информации кога и во кои количини вакцини ќе стигнат во нашата земја.
Здравствениот систем и сите други институции во државата се подготвени за процесот на вакцинација, вели минситерот.

-Ние сме целосно спремни. Утрово имав состанок со директорот за Агенцијата за лекови МАЛМЕД, тамошните служби се целосно спремни да ги пречекаат документите, да ги издадат потребните формулари, административни. Укажавме на директорот на Царината и во таа служба се спремни вработените сите постапки да се завршат во најкраток временски рок. Ние сме спремни со нашата инфраструктура, фрижидерите веќе се инсталирани, може тука да се складира огромна количина на вакцини. Подготвен е и планот за вакцинација, секако здравствените работници се први. Така да, во моментот кога ќе пристигнат вакцините имаме план по којшто ќе се постапува – изјави министерот.

Exit mobile version