Министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот во земјата.
Во однос на бројката на новозаболени, во текот на прес- конференцијата на министерот доц. д-р. Филипче, Институтот за јавно здравје потврди уште два позитивни пациенти, кои ќе бидат регистрирани во денешната дневна статистика на Институтот.
Согласно ова, во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Штип – 6, Скопје – 3, Велес – 3, Струга- 2, Струмица- 1, Дебар- 1, Тетово – 1, Гевгелија- 1.
Министерот Филипче информираше дека починале две лица од коронавирус на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
„Сакам да изразам сочувство до семејствата на пациентот на 91 годишна возраст – кој беше хоспитализиран осум дена и утрово пациент на 31 годишна возраст – чија клиничка слика беше тешка со уште пофулминантен тек на влошување на состојбата, интубиран- поставен на респираторна машина во текот на вчерашниот ден попладнето. Стануваше збор за најтешката можна форма на клиничка манифестација на оваа болест “, изјави министерот за здравство.
На Инфективната Клиника се примени тројца пациенти од Скопје и Куманово. Во моментот се хоспитализирани вкупно 49 пациенти, седум се со потешка клиничка слика – пневмонија на белите дробови, но овој момент нема пациенти коишто се лекуваат на респираторна машина. Стабилна е состојбата на другите пациенти ширум државата.
„Двајца од пациентите на Клиниката тука во Скопје веќе имаат и втор негативен тест, а за уште пет други, второто тестирање се планира во текот на утрешниот ден. За период од два до три дена потенцијално ќе може седум пациенти да бидат пуштени на домашно лекување. По стигнувањето на тестовите и после повторната евалуација на нивната клиничка состојба без разлика на тоа што два теста може да се негативни ќе биде одлучено како ќе продолжи лекувањето за што ќе информираме веднаш после евалуацијата, прегледот односно тестирањата“, посочи министерот Филипче.
Во однос на случајот со вчера починатата пациентка од Струшко која не била хоспитализирана според информациите, на инфективното одделение во Охридската болница, министерот информираше дека утре директорката ќе биде разрешена и ќе биде поставен нов директор.
„Денеска на увид се инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на улогата и одговорноста на сите други вклучени во целиот овој процес и согласно информациите ќе се одлучува и понатаму – согласно одговорноста на луѓето вклучени во сето ова во целиот овој случај“, изјави министерот Филипче и упати апел до институциите целосно да ја спроведат постапката.
„Следнава недела се отвораат уште два пункта за тестирање во Скопје и уште дополнителни по еден, согласно големината на здравствениот дом или болницата, односно два пункта во другите градови во државата. Новите пунктови во Скопје ќе бидат во Поликлиниката „Чаир“ – веќе од утре, а до крајот на неделата и во Поликлиниката „Млин Балкан“. Системот на закажување во Скопје, како и во другите пунктови ширум државата, како надополнување на сегашните 14 пунктови коишто работат во рамките на центрите за јавно здравје, ќе бидат во здравствените домови со истиот систем на пријавување преку матичните лекари. Сметаме дека тоа е идеалниот систем заради тоа што мора да се направи епидемиолошка анкета, евалуација на здравствената состојба, податоците и согласно тоа да се направи тестирањето“, информираше министерот Филипче.
Тој додаде дека Комисијата од Министерството за здравство го заврши увидот во сите освен една, приватни институции, во двете приватни болници – „Жан Митрев’’ и „Систина“, во лабораторијата „Авицена“, во текот на утрешниот ден во лабораторијата „Биотек“, врз основа на тоа што ќе се направи план за искористување и на тие капацитети, а ФЗО работи на наоѓање на модел на соработка. Спремен е системот за мобилни тестови, кој ќе почне од следните денови во Скопје.
„Во текот на вчерашниот ден, информиравме дека после интензивна соработка со Министерството за одбрана и Градот Скопје, веќе е спремна подлогата до Клиниката за инфективни болести каде што ќе се постави модуларната мобилна болница од страна на Армијата и таа ќе биде со капацитет од околу 130 кревети, што значи дека капацитетот на Инфективната Клиника практично ќе се дуплира. Ќе биде соодветно опремена и со кревети и со тушеви, тоалети и со сува врска до Клиниката. На тој начин ќе ја искористиме експертизата на луѓето, лекарите, медицинските сестри коишто работат тука, со соодветни смени, со соодветно дополнување од останатиот персонал од останатите Клиники, коишто се во фаза да излезат во пресрет во било кое време да ја поддржат работата на докторите, односно медицинските сестри на Инфективната клиника“, појасни министерот Филипче.
Според него, ова надополнување е идеалниот начин за евентуално третирање на поголем број на пациенти доколку се изнуди потреба, покрај веќе постојниот модел согласно искуствата во повеќе Европски земји – здравствени системи кои имаат слични некои карактеристики на нашиот, а тоа е системот на домашно лекување.
„Сакам да изразам и благодарност до сите коишто до овој момент донираа на Министерството за здравство, медицински материјали, парични средства. Ние за таа цел отворивме донациска сметка, а со согласност од донаторите во следните неколку денови ќе ја објавиме и листата на донатори“, истакна министерот Филипче.
Филипче упати апел дека во овие времиња и ситуации никој не треба да биде стигматизиран, ниту заболените, а уште помалку луѓето кои се во карантин, заради тоа што тоа се здрави луѓе и тоа е механизам – модел којшто не штити сите нас.
„Тој модел мораме да го поддржиме за доброто на сите. Тие се луѓе сместени во сосем добри, солидни услови, сите се прегледани. Тие наши сограѓани не претставуваат никаква опасност ниту за непосредната околина, ниту за градовите во којшто се сместени затоа што се тоа целосно здрави луѓе коишто мора да го поминат овој период од 14 дена во самоизолација“, додаде министерот Филипче.
Тој истакна дека вчера дијагностицираниот пациент во болницата „8 Септември“ сега е префрлен на Клиниката за Инфективни болести, со што во „8 Септември“ нема хоспитализиран пациент позитивен на Ковид-19.
Филипче информираше дека системот е целосно спремен да прими пациент на третман од друга здравствена услуга доколку е позитивен на коронавирус, а сè уште има повеќе од доволен капацитет, повеќе од половина кревети на Клиниката за инфективни болести.
„Од утре започнува со работа и Клиниката за кожни болести. Во текот на денот денеска во еден дел и утре сите тестови ќе бидат готови од Заводот за рехабилитација во Козле, после што ќе продолжи во соодветна форма работата на Заводот. Ќе информираме во која точно форма во текот на утрешниот ден или вторник и најверојатно дека ќе стане за систем во којшто ќе функционираат само амбулантите“, потенцираше министерот Филипче, кој упати порака кон граѓаните дека пандемијата не стивнува и бројката постојано расте.
„Вирусот не заобиколи ниту една една земја, не ја заобиколи ниту нашата. Пред нешто повеќе од еден месец како беше регистриран првиот позитивен случај и од тогаш до денес бројката на потврдени случаи постојано расте. Добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно, а не експоненцијално – што значи дека секој ден имаме приближно еднакво зголемување а тоа му дава шанса на нашиот систем за одржливост – можност соодветно да ги прими, да ги амортизира сите пациенти без притоа да бидат оптоварени нашите капацитети. Сакам да упатам јасна порака дека влегуваме во вториот месец од борбата со оваа пандемија која целосно го промени животот, донесе страв и несигурност. Пред нас е најтешкиот период – период во кој бројот на заболени ќе расте во светот, ќе расте и кај нас. Ни претстои период за жал во кој ќе расте и бројот на починати, за ова сите мораме да бидеме свесни. Денеска имаме и еден млад човек којшто почина. Ова е доказ дека вирусот не штеди никој – никој не е имун ниту е заштитен од него. Сите оние кои досега можеби не беа убедени во опасноста од вирусот и од оваа болест, сега верувам дека им е целосно јасно дека ова е многу сериозна закана. Навистина мораме ние сериозно да се однесуваме кон неа, нема да биде лесно. Затоа сакам да упатам апел сите да ги почитуваат препораките, да не се шири паника, да се однесуваме максимално претпазливо и одговорно заради тоа што ова зависи од секој успех оваа борба зависи од секој еден од нас“, изјави министерот Филипче.
фото: Влада