ФЗОМ: Тестовите за ковид-19 кои се на товар на државата чинат од 1.100 до 5.500 денари

Фондот за здравствено осигурување со соопштение појаснува како се формирани цените за еден тест за коронавирус, кој е на товар на државата. Од таму соопштија дека цените на тестовите се движат од 1.100 до 5.500 денари и дека во цената се влезени сите трошоци за извршување на овие здравствени услуги.

Тестовите за граѓаните се бесплатни, а ова е сумата што Фондот за здравство ја наплаќа од Министерството за здравство.

Соопштението го пренесуваме интегрално:

Во врска со информациите кои кружат по порталите и социјалните мрежи, во однос на здравствените услуги и референтните цени на Фондот за здравствено осигурување, би сакале да ве известиме за следното:

1. Во лабораториската дејност постојат повеќе различни техники за детекција на инфективни причинители, како на пример:

– серолошки испитувања при кои се детектираат антитела кон причинителот на инфекцијата

– молекуларни испитувања при кои се детектира присуството на самиот причините во овој случај вирусот

2. Соодветно на погоренаведеното и Фондот има формирано здравствени услуги за лабораториска дејност во зависност од техниката што се користи во здравствените установи кои имаат договор со фондот, а се однесуваат за инфекции со коронавирусот Ковид-19

– лабораториски услуги за серолошки анализи на инфективните причинители (ЕЛИСА, ИгМ или ИгГ) со референтна цена од 1.100 денари.

– лабораториски услуги за молекуларни анализи за инфективни причинители и истите во зависност од техниката (Полимеразно верижна реакција- PCR и Мултиплекс PCR) и бројот на причинители (еден, повеќе или цел сет на вируси) кои истовремено се детектираат.

Постојат повеќе различни лабораториски услуги со референта цена од 3.000 до 5.500 денари.

3. Во сумата на референтите цени се влезени сите трошоци за извршување на овие здравствени услуги, како што се труд на медицинскиот персонал, трошоци за медицински и друг материјал (тука влегуваат однапред спремени китови за детекција), трошоци за одржување на апаратите и просториите, како и режиските трошоци. При некои техники се користат само однапред спремени китови, а во други техники и покрај користењето китови, потребни се други дополнителни активности за подготовка за изведување на тестот. Сите тие си носат соодветни трошоци.

4. Сите наведени цени се со партиципација според Одлуката за висина на учеството на осигурените лица во вкупните трошоци на здравствените услуги, а до Фондот се фактурираат без партиципација. Сите наведени цени се објавени во „Службен весник“ бр.18 од 01.02.2013, а се во употреба од 09.02.2013.

5. Здравствените установи се одговорни при фактурирање до Фондот да ја избираат соодветната шифра, односно здравствена услуга со референтна цена во зависност од извршената услуга.

фото: Архива

Exit mobile version