Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 18 до 24 јануари 2021, тестирани се вкупно 11.036 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,8% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.727 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 28% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=851; 49,3%), со неделна инциденца – 137,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 190,5/100.000 е регистрирана во Кавадарци.
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 19%, или во просек 14%, што претставува намалување од 2% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=507, 29,4%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=299; 17,3%), 50-59 (n=298; 17,3%), 30-39 (n=287; 16,6%), и 20-29 (n=231; 13,4%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=32; 1,9%) и 10-19 години (n=73; 4,2%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.084 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 12,1% помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 69 смртни случаи од 23 града, со намалување од 12,7% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лицa биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50-59 години, 2 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 18 до 24 јануари 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.