МЗ: Здравствениот систем е подготвен со капацитетите за поголем број на пациенти со коронавирус

Здравствениот систем е подготвен да апсорбира поголем број на пациенти којшто се очекува со пикот на коронавирусот кон крајот на април, изјави Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на вчерашната прес-конференција.

Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети, болницата „8-ми Септември“ во Скопје.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти што претставува една четвртина од расположивите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал.

Моделот на  третман и лечење на тешките и средно тешките пациенти во институции каде што има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со коронавирус којшто се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја.

Воспоставенa e координација помеѓу повеќе нивоа на институциите во рамки на здравствениот систем – примарните лекари, здравствените домови со пунктовите каде што се земаат материјали, секундарните болници и клиниката како врвна институција од терциерното здравство.

Здравствениот систем е спремен да прими и поголем број на пациенти од бројката на пациенти кои сега се третираат во болниците и е подготвен за пикот којшто според проценките се  очекува на крајот на месец април.

Министерството за здравство има на располагање вкупно повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус во: Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, болницата 8 Септември, Инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институт за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

фото: Архива

Exit mobile version