Јапонскиот министер за здравство рече дека е многу веројатно дека контаминацијата на вакцините на „Модерна“ против ковид-19 во јужната префектура Окинава е настаната при вметнување на иглите во шишињата.
Префектурата Окинава во неделата објави дека делумно ја одложува вакцинацијата со „Модерна“, откако беа откриени несоодветни супстанции во шишенцата и шприцевите. Министерството за здравство соопшти дека иглите можеби биле неправилно вметнати во шишињата, поради што се откинале делови од гумениот чеп.
„Која и да е причината, утврдивме дека нема безбедносни или други проблеми“, рече министерот за здравство Норихиса Тамура.
„Ќе продолжиме да собираме информации и да известуваме“, додаде тој.