Реисот на ИВЗ има коронавирус, се заразил од контакт со позитивно лице

Новоизбраниот реис на ИВЗ, Шаќир Фетаху е заразен со короанвирусот. Тој информацијата ја објави на социјалните мрежи каде соопшти дека нема никакви здравствени проблеми, ниту симптоми. Според него, тој сам решил да се тестира, а тестот бил позитивен.

„Во моментов, сè е нормално. Јас се придржувам до медицински препораки и сум во домашна изолација“, објави Фетаху.

Од ИВЗ пак, велат дека кај нив во изминатиот период имало неколку лица кои биле позитивни на вирусот. Портпаролот Агрон Војника за „А1он“ вели дека кај нив се почитуваат препораките, но потврди и дека поглаварот имал контакт со лица кои биле претходно заразени.

„Имаше неколку заразени, доаѓаа гости. Имавме 100 проценти заштита со ракавици, маски, се. Но, оваа болест не знаете од кај може да дојде. Шефот на кабинет на реисот исто така го прележа вирусот, има еден негативен тест, а чека второ тестирање. Јас исто така бев во изолација“, вели Војника.

За разлика од претходните години, годинава поради состојбата на реисот, честитката за празникот Курбан Бајрам ја испрати електронски преку медиумите до сите верници.

Exit mobile version