Министерството за здравство информира дека секој матичен лекар кој преку „Мој Термин“ му закажува на својот пациент тестирање на Ковид-19 ги добива резултатите на пациентот и доколку на пациентот му се одреди домашно лекување точно ги знае насоките за негово следење.
За пациент на домашно лекување, матичниот лекар постапува по претходно утврден и усвоен протокол на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Согласно истиот, матичниот лекар има обврска да го контактира пациентот два пати во текот на денот, да го известува системот Мој Термин, кој потоа во форма на електронскиот извештај го испраќа во Министерството за здравство и до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
За потсетување, Министерството за здравство вклучи близу 1200 матични лекари во системот на детекција и следење на пациентите со коронавирус.
Граѓаните кои имаат симптоми типични за Ковид-19, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, а не да одат во ординација. Матичните лекари преку епидемиолошка анкета ќе утврдат дали треба да бидат тестирани. Тестирањето го закажува матичниот лекар, преку системот „Мој термин“ со точно време и место за тестирањето.
фото: Архива