Србија одлучува за прогласување вонредна состојба, 46 заразени од коронавирусот

Министерот за одбрана, Александар Вулин, синоќа побара од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на населението, изјавувајќи дека министерството доставило проценка за ризиците и заканите за безбедноста на Србија и нејзините граѓани, за што се потребни итни мерки од неговата надлежност.

Според медиумите, претседателот Вучиќ, денеска ќе одлучи за тоа дали во Србија ќе биде воведена вонредна состојба како форма на заштита на населението од коронавурусот или, наместо тоа, единиците на српската армија ќе бидат ангажирани во спроведувањето на потребните мерки.

-Се проценува дека понатамошното ширење на Ковид- 19 може значително да го загрози здравјето на пошироката популација, а со тоа да се загрози и нормалниот тек на животот во Република Србија, вклучително и функционирањето на нејзините институции, јавни услуги и економија, изјави Вулин.

Според него, ризиците и заканите по безбедноста на Србија и нејзините граѓани бараат донесување итни мерки под надлежност на претседателот на Републиката.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференцијата во саботата рече дека „ вонредна состојба се воведува ако министерот за одбрана испрати писмо до Врховниот командант, претседателот на Србија, дека безбедноста на граѓаните на Србија е загрозена.

-Тогаш, или тоа го испраќаме до Народното собрание на Република Србија, но бидејќи постои забрана за собирање на повеќе од 100 лица, во такви случаи, можно е Претседателот на Републиката, претседателот на Собранието и Премиерот со троен потпис да воведат вонредна состојба во земјата, рече тој.

Вучиќ објасни што значи тоа: „Оној момент, ако се воведе вонредна состојба, нема да има повеќе кафулиња, барови, ресторани, театри… нема ништо повеќе. Војската на улиците, се знае што на границите и така натаму“.

Exit mobile version