Шест нови пациенти се позитивни на коронавирусот, а 51 патници кои доаѓале од Барселона во Скопје со лет на „Виз ер“ се во домашна изолација, откако на една патничка и е дијагностициран коронавирусот, истакна предмалку на прес конференција минситерот за здравство Венко Филипче.
Вкупно во земјава заболени од корона вирусот има 18 лица. Новозаболените од Дебар, 5 пациенти се со лесна клиничка слика и остануваат да се лекуваат во болницата во Дебар. Еден од позитивните на коронавирус е патничка која допатувала од Барселона. Останатите пет пациенти се од Дебар и биле во контакт со претходно заболените.
„Денеска се тестирани вкупно 12 лица, 8 во претпладневните, останатите во попладневните часови. Позитивни на коронавирусот се 6 лица. Една пациентка која стигнала со авионот на ‘Визер’ од Барселона, била свесна дека качила температура, патувала со заштитна маска и ракавици и сама се јавила на пунктот на аеродромот. Изолирана е, однесена е на Клиника за инфективни болести и тука е земен материјалот. На сите други 51 патници во авионот, дадено е решение за домашна самоизолација, односно здравствен надзор. Тоа значи дека во нашата земја има вкупно 18 пациенти кои имаат коронавирус“, рече Филипче.
На Клиниката има 13 пациенти, а петте нови од Дебар ќе останат дебарската болница, согласно планот за третман за новодијагностицираните лица во овој регион. Таму има кадар, епидемиолог и двајца инфектолози кои можат да ги лекуваат овие пациенти, тие се со сосема лесна клиничка слика, налик на настинка. Од следните денови, уште еден специјалист ќе биде присутен во Дебар за да се појача капацитетот во однос на кадарот“, рече министерот за здравство.