Хигиеничарката во Домот за геријатрија во Ѓорче Петров е позитивна на коронавирусот, направени се епидемиолошки анкети, па дел од нејзините колеги и колешки се ставени во самоизолација, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, додавајќи дека веќе од следната недела ќе се прави серолошко тестирање на сите лица во старечките домови.
– Во Домот за геријатрија во Ѓорче Петров има заразена вработена, жената е хигиеничарка во таа установа, а нејзиниот тест за коронавирусот е позитивен. Направена е анкета во однос на контактите со вработените, па дел од колегите и колешките се ставени во самоизолација. Имајќи предвид дека домовите за стари лица се најзагрозени од заразата, оти тие лица се често неподвижни и имаат хронични болести, веќе од следната недела ќе ги тестираме сите лица кои се сместени во старечките домови низ државата – рече Филипче.
фото: Архива