Во периодот од 07-13.02.2022 година, тестирани се вкупно 26.360 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,1% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 8.638 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со намалување од 13,4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 27,2% до 37,4%, просечно 32,2%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (56,0%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60г (n=2.052, 23,8%) и 40-49г (n=1.629, 18,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=434; 5,0%).
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 9.900 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.236 реинфекции (од кои 6 се втори реинфекции), со намалување за 7,8% во однос на претходната недела.
Пријавени се 124 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 32,6% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (49). Во однос на возраста, најголем број (n=121; 97,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (3).
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 699 лица, од нив 412 се на кислородна поддршка, а 11 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Во однос на симптоми пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (58,9%), кашлица (44,3%) и малаксаност (42,4%).