Во рамки на Сојузот на стопански комори на Македонија формирана е Комора на приватно здравство на Македонија (КПЗ) чие делување ќе биде насочено кон промоција на приватното здравство како еден од носителите за унапредување на здравствените услуги. Комората во која се обединети сите специјалности и нивоа на здравството ќе работи на конкретни активности за измена на постоечки и донесување на нови законски решенија, заеднички проекти со релевантни институции, а со цел подобрување на деловната клима во областа на здравството.
Во комората членуваат приватни здравствени установи од областа на општата медицина – матичните лекари, приватни здравствени установи од општа и специјалистичка стоматологија, аптеки, ПЗУ-и од различни медицински специјалности, веледрогерии, лаборатории, болници и други правни субјекти кои се директно поврзани со здравството или се однесуваат на здравството.
Приватното здравство е значаен сегмент во целокупниот општествен систем во земјава, па во таа насока Комората ќе делува кон подобрување на условите за работа и решавање на проблемите со кои се соочуваат приватните здравствени установи.
„ Со цел да ја заштитиме работата на нашите ординации и да ги подобриме условите за работа и квалитетот на услугите за нашите пациенти, се обединивме во Комора како релевантен партнер за јавно-приватен дијалог во рамки на кој ќе работиме на решавање на овој децениски проблем. Во прашања е доведен опстанокот на приватните здравствени установи со оглед на фактот дека платите на докторите и сестрите се поблиску до минималец отколку до реалната вредност. Со години се минимизира и обезвреднува трудот на матичните лекари и стоматолози. Над 2500 приватни здравствени установи се во сериозна егзистенцијална криза бидејќи материјалните трошоци се зголемени од 80-100% како резултат на здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19” – изјави Д-р Тања Дејаноска, Претседател на Комора на приватно здравство на Македонија.
Поради сериозноста на состојбите во приватниот здравствен сектор во текот на наредниот период е договорена интензивна динамика на тематски состаноци на кои ќе се направи анализа на состојбите, предизвиците и барањата на лекарите со цел да се создадат подобри услови за работа.
Комората на приватно здравство на Македонија активно ќе се залага за унапредување на системот на приватната здравствена заштита со цел најголем дел од потребите на здравствените услуги пациентите да ги добиваат на ова ниво, за капацитетите на секундарното и терцијарното здравство да бидат ослободени од непотребни прегледи.
“Почитувањето на позитивните правни прописи во областа на здравството е столб на функционирањето на здравствениот систем во државата што креира оптимални услови за работа на здравствените професионалци и гарантира квалитетна здравствена заштита за пациентите. Но, доколку заради некои диспропорции во системот, овие решенија во пракса предизвикуваат спротивен ефект, тогаш креаторите на здравствените политики во договор со давателите на здравствените услуги треба ефикасно и ефективно да креираат нови применливи решенија” – изјави Д-р Тања Дејаноска, Претседател на Комора на приватно здравство на Македонија.
Во периодот што следи ќе бидат иницирани работни групи и преговарачки тимови кои што ќе преговараат со Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и сите останати релевантни институции и ќе бидат дадени квалитетни и реални решенија за надминување на предизвиците , особено во пост период на глобална пандемија која се уште трае.