Претседателот на Комисијата за заразни болести, Д-р Александар Петличковски за Телевизија 24 изјави дека се уште е рано да ја прогласиме пандемијата за завршена и да кажеме дека омикрон ќе биде последната варијанта на вирусот. Тој вели дека со околу 70 или 80 проценти имунизирано население, се очекува да имаме блага пролет и да подзаборавиме на КОВИД-от.
-Ќе има и други варијанти, но има повеќе други параметри кои укажуваат дека пандемијата спласнува со интензитетот. Но, сѐ уште трае и денес сѐ уште умираат луѓе заразени со омикрон за кој велиме дека има многу поблаг тек. Претпоставките се дека пандемијата постепено ќе добие ендемски вид, што значи дека вирусот ќе продолжи да биде меѓу нас, но ќе се појавува во одредени групи, држави, популации и не се очекува да има вакви сериозни импликации односно толку голем број смртни случаи, рече директорот на Институтот за имунологија.
За да се постигне колективен имунитет што ќе гарантира дека вирусот нема да се шири, Петличковски рече дека зависи од вирулентноста на вирусот и дека кога станува збор за омикрон веќе е малку 70 отсто вакцинирани, туку процентот се приближува на 90.
Не ја исклучува можноста од укинување на сертификатите како услов за влез во моловите. Смета дека тие го губат значењето бидејќи се заразуваат и вакцинирани.
-Но мора да се направи сериозна проценка кои би биле придобивките, а која би била загубата од евентуално укинување на сертификатите. Тоа ќе се разговара, но точниот момент дали сега, по две недели или по еден месец треба да се дефинира по темелни анализи, вели тој.