Граѓаните на Швајцарија денес на референдум ќе се изјаснат за користење на сертификатот за ковид, кој функционира по истиот шаблон како и во Европската унија.
По втор пат за помалку од два месеци, Швајцарците ќе гласаат за Законот за Ковид 19, со кој се регулира не само финансиската помош за културните институции и угостителските објекти, туку и користењето на сертификатот Ковид, кој е компатибилен со апликациите на ЕУ, пишува Дојче веле.
Без законот за коронавирус, таканареченото правило 3G (вакцинирани, прележани и тестирани) повеќе не може да се применува во секторот за угостителство и при одржување културни настани.
Како што се наведува, досегашните анкети покажуваат дека швајцарските граѓани и на овој референдум нема да гласаат против законот, но противниците се доста успешни во кампањата против мерките за сузбивање на пандемијата, па здружението „Пријатели на Уставот“, основано за време на пандемијата, собраа речиси 190.000 потписи.
„- Урбаното население е почувствително и повеќе им верува на владините мерки отколку населението во руралните кантони, односно најмногу во кантоните од германско говорно подрачје. Тие традиционално имаат поголема недоверба кон државата“, вели за Дојче веле, професорот по политички науки Марк Билман од Универзитетот во Берн.
Политикологот Билман смета дека владината кампања, која чинела дури 96 милиони франци, сепак била донекаде успешна бидејќи вакцинацијата е тема за која се дебатира во Швајцарија.