За една недела регистрирани 50 случаи на голема кашлица, пет деца во болница

Од 1 до 7 март, пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 43, три пријавени случаи во Тетово, по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Ова го покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години. Возраста на заболените се движи до 40 години, а најголем број случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.

„Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, осум се од Тетово, пет живеат во Куманово, во Гостивар два и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани. Заболените лица се на возраст од еден месец до 70 години.“, велат од Институтот за Јавно здравје.

Според институтот на јавно здравје најголем број заболени се деца на возраст до четири години, а 15,6 проценти припаѓаат на возрасната група под една година. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, а по наредба на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од понеделник ќе врши проверки и контроли, по што нема да биде дозволен прием на деца во градинките кои не се вакцинирани.

„Ние денеска, на 08.03 ја добивме одлуката од страна на министерот за здравство, по препораките што се дадени од КЗБ, да извршиме вонредни инспекциски надзори во сите предучилишни установи, тука спаѓаат и приватните и државните градинки. Да, напоменам дека и приватните ќе се контролираат, со тоа што ќе забраниме на деца кои што не се имунизирани со Ди-Те-Пер вакцина, односно не само тие што целосно не се имунизирани, туку и оние кои што половично се имунизирани, односно примиле некоја од дозите.“, изјави Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација – Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар, било утврдено дека се пронајдени 13.593 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив, вакцинирани биле 5.756 или 42,3 отсто. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 2.879 или 50,0 проценти. Според податоците од ИЈЗ, од заболените, 33 лица се хоспитализирани или 19 проценти, а од нив 28 деца се на возраст до четири години.