„Мозочната магла“ по ковид е речиси еднаква на 10 години стареење

Состојбата наречена „мозочна магла“ поврзана со продолжен ковид е споредлива со остарувањето за 10 години, посочува ново истражување на Кралскиот колеџ во Лондон, Велика Британија.

Испитувајќи го влијанието на ковид-19 врз помнењето, истражувачите откриле дека мозочните оштетувања се најголеми кај луѓето што биле позитивни и имале симптоми повеќе од три месеци. Научниот труд објавен во „Лансет“, исто така, открива дека симптомите кај заболените лица биле продолжени речиси две години по првичната зараза.

– Останува фактот дека две години по првото заразување, некои луѓе не се чувствуваат целосно закрепнати и нивните животи сè уште се под влијание на долгорочните последици од коронавирусот – вели Клер Стивс, професорка на Кралскиот колеџ.

Според неа, треба да се работи повеќе за да се дознаат причините поради кои се случува тоа и што може да се направи за помош.

Поимот „мозочна магла“ се користи за опис на чувството на ментална бавност, зашеметеност, невнимание, неприсуство, збунетост, расеаност.