„Сметам дека карантеризирање, сега во ситуација кога имаме близу 50 проценти опфат, не треба да е опција, но не знаеме што може да се случи“, вели министерот за здравство Венко Филипче во однос на носењето на нови мерки за заштита од коронавирусот. Засега рестрикциите со забрана за одење на работа без вакцина за државните службеници, нема да се спроведе.
„Ќе оставиме време, да видиме дали ќе помогне комуникацијата и апелите на матичните лекари. Сметам дека дополнителна мерка, во смисла на форма оваа вакцина да биде задолжителна, а согласно примерите кои ги даваат и другите земји, не е исклучена. Додека тоа се осмисли и провери каков резултат ќе дадат. Некои земји размислуваат за задолжителна вакцинација. Засега останува вака кај нас“, рече Филипче.
Иако матичните доктори ја искритикуваа мерката со која им се дава 30 денари по пациент, ако вакцинираат 70 отсто од нивните пациенти, тој смета дека ќе даде резултат.
„Матичните лекари први имаат контакт. Надоместокот ќе се даде почетокот на летото, крај на есента, другата година. Просекот е околу 1000 пациенти, тоа не се пари за занемарување. Ова е битно за државата, има различни степени на опфат кај матичните. Тие можат веднаш да почнат. Оваа мерка е на која матичните треба да стават акцент, и да ја пуштат пораката“, додаде Филипче.
Прашан дали ќе се спроведуваат мерките со забрана за одење на работа без вакцина, Филипче рече: „Засега нема да се спроведува. Стигнавме до констатација дека отвора сериозни прашања како ќе се казни тој што нема да прифати вакцинација, а е и голем финансиски терет. Потребна е комуникација со граѓаните. Ова ни е најпрактичен механизам, тоа се матичните лекари“.