Три регионални онколошки центри и посебно одделение во поранешна Воена болница во Скопје требаше да го растоварат напливот на пациенти во Клиниката за онкологија. Но, зошто регионалните центри речиси не работат, а бројот на болни од канцер во 2023 година достигна речиси 100.000?
Пациенти болни од канцер уште не можат да се лекуваат во Градската општа болница „8 септември“ (поранешна Воена болница), иако владата пред една година даде согласност и тука да се отвори онколошко одделение – за првпат во историјата на болницата. ГОБ „8 септември“ има лекари и простории, ама нема пари за лекови за болните, вели Христијан Костов, директор на болницата.
Пред околу два и пол месеци болницата пратила барање до Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) да им се одобри буџет од околу 20 милиони денари за онколошки лекови за 2024 година.
„Направивме дневна болница за хемотерапија. Имаме две амбуланти и двајца лекари – онколози. Пративме еден физичар и двајца рентген технолози во Сремска Каменица, најголемиот онколошки центар во Србија, да се едуцираат за работа со новиот акцелератор (апарат за болните од карцином). Чекаме или лекови или пари за лекови“, изјави Костов за Радио Слободна Европа.