Министерството за здравство информира дека досега со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 омикрон е детектиран само кај еден пациент, кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија.
„Утврдување присуство на сој на вирусот SarsCov2 се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, ПЦР-тестирањето, односно детектирањето на S-gene dropout може да биде само индикација, но не и потврда дека пациентот е заразен со сојот омикрон на Ковид-19. Досега на ПЦР-тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид 19 детектиран е S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и од Струга“, соопштија од Министерството за здравство.
Според здравствените власти, на пациентите им била направена епидемиолошка анкета и во согласност со протоколите во изолација биле ставени и лицата со кои биле во контакт.
„Министерството за здравство апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации што ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението“, е наведено во соопштението.