Благи симптоми, ниска стапка на хоспитализацијa – oхрабрувачки вести за омикрон

Додека новиот сој омикрон се шири низ светот, лекарите во Јужна Африка од каде потекнува мутацијата имаат охрабрувачки вести.

Лекарот Унбен Пилеј кој спасува десетици заразени пациенти од коронавирус дневно истакнува дека никогаш не испратил никого во болница на лекување од омикрон, што е исклучително важно за следење на овој нов сој велат упатените.

Ова е една од причините зошто тој, заедно со други лекари и медицински експерти, се сомнева дека новиот сој омикрон предизвикува поблага форма на болеста од делта-сојот, иако се чини дека се шири побрзо.

„Засега сите пациенти се на домашно лекување, немаше потреба од хоспитализација. Повеќето од нив закрепнаа во периодот на изолација од 10 до 14 дена“, посочи Пилеј.

Неговите пациенти вклучуваат постари лица, но и оние со здравствени проблеми кои можат да ги направат подложни на инфекција со коронавирус. Дури и тие имаат развиено релативно благи клинички слики и се опоравуваат како што се очекуваше, вели тој.

За две недели откако омикрон првпат беше пријавен во Јужна Африка, и други лекари споделија слични приказни. Сите предупредуваат дека ќе бидат потребни уште многу недели за да се соберат доволно податоци за да бидат сигурни во целсот за последиците од омикрон, но нивните набљудувања и раните докази даваат одредени индикации.

Според Јужноафриканскиот национален институт за заразни болести, само околу 30 отсто од хоспитализираните во последните недели биле сериозно болни, што е помалку од половина од потешките случаи забележани во првите недели од претходните пандемични бранови. Просечниот престој во болница на пациентите со ковид овој пат беше пократок – околу 2,8 дена во споредба со осум дена. Само 3 отсто од пациентите неодамна хоспитализирани поради коронавирус починале, во споредба со околу 20 отсто во претходните епидемии во земјата, покажале најновите извештаи.

„Во моментов практично сè укажува дека се работи за полесна болест“, вели Вилем Ханек, директор на Институтот за африкански здравствени истражувања, повикувајќи се на податоци од националниот институт и други извештаи.

Во меѓувреме, научниците ширум светот го следат бројот на случаи и стапките на хоспитализација додека тестираат како функционираат сегашните вакцини и третмани. Додека делтата сè уште е доминантен вид на коронавирус ширум светот, случаите на омикрон се јавуваат во десетици земји, а епицентарот е Јужна Африка.