Израел: Три дози на Фајзер штитат од омикрон

Израелските истражувачи рекоа дека три дози од вакцината „Фајзер“ и „Бајонтек“ против ковид-19 обезбедуваат значителна заштита од новиот вид Омикрон.

Наодите на израелските научници се слични на оние што овие компании ги презентираа на почетокот на неделата, што укажува на тоа дека засилувачките дози би можеле да бидат клучни за заштита од инфекција со нова варијанта на коронавирусот, пренесува Ројтерс.

Студијата, спроведена од Медицинскиот центар Шиба и Централната виролошка лабораторија на израелското Министерство за здравство, ја спореди крвта на 20 луѓе кои примиле само две дози од вакцината пред 5-6 месеци, со ист број на лица кои ја примиле третата доза еден месец порано.

Израелскиот тим рече дека работеле со вистински вирус, додека компаниите го користеле она што е познато како псевдовирус, вештачки вирус кој има карактеристични мутации на Омикрон.

Израелска студија следи по студија од Јужна Африка која покажа дека варијантата Омикрон делумно може да избегне заштита од две дози.