Германија, Италија, Португалија и Австрија поставија генерали на челни позиции на кризните тимови за ковид

Четири европски земји – Португалија, Италија, Германија и Австрија – назначија високи воени офицери во првите редови на кризните тимови за кампањи за Ковид-19 и вакцинација против болеста.

Во Португалија исклучителна улога во организацијата и унапредувањето на вакцинацијата имаше вицеадмиралот Хенрике Едуардо Пасал, во Италија генерал полковник Франческо Паоло Фиглиуола, а сега го следи примерот и Германија, каде на чело на Кризниот штаб е назначен генерал-мајор Карстен Бројер и Австрија, каде координативното тело за борба против Ковид-19 сега е предводено од генералот Рудолф Стридингер. Консензусот меѓу владетелите во овие земји е дека воените експерти поседуваат драгоцено логистичко знаење и искуство во управувањето со кризи.

„ Досега се вакцинирани 25 милиони луѓе. Можеме да достигнеме 30 милиони до крајот на годината“, рече генерал-мајор Карстен Бројер (56), повторувајќи ја целта што ја постави канцеларот Олаф Шолц кога го префрли кризниот штаб од Министерството за здравство, предводен, исто така, од еден генерал, Ханс-Улрих Холтерм, во неговиот кабинет. Бројер, познат како „корона генерал“, инаку е одговорен за распоредување на армијата во земјата, има искуство од Косово и Авганистан и досега го координирал одговорот на ковид во војската.

Слична задача како онаа на Бројер во пресрет на очекуваниот бран на сојот омикрон има и неговиот австриски колега Рудолф Стридингер.

Португалците беа првите кои допреа до офицерите кога вицеадмиралот Хенрике Едуардо Пасал беше назначен за шеф на тимот за вакцинација во февруари, откако неговиот претходник, државниот секретар Франциско Рамос, беше сменет поради вакцинација преку ред. Пасал брзо ја освои јавноста со начинот на кој комуницираше – тој ја цитираше „Војна на ѕвездите“, ги повика своите сонародници да бидат витези на џедаи против пандемијата и рече дека анти-ваксерите припаѓаат на темната страна. Со негова координација вакцинирани се 90 отсто од населението, а во Португалија штотуку е избран за личност на годината.

Помалку јавна, но исклучителна работа направи генерал-полковникот Франческо Паоло Фиглиуола, кој беше назначен од италијанскиот премиер Марио Драги во март да раководи со работната група за координација и вакцинација на пандемијата.