Позитивните пациенти на коронавирус и нивните контакти од денес можат да си ги преземат решенијата за изолација од сајтот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). На сајтот е поставен линк кој води до страницата vakcinacija.mk, каде што всушност се поставени решенијата, а до него може да се пристапи и директно.
Пациентите се најавуваат со матичен број и креираат своја лозинка за пристап, доколку тоа веќе не го направиле за да преземат вакцинални сертификати кои се објавени на истиот начин како што се објавуваат сега и решенијата. До профилот пристап има само лицето што ќе го внесе матичниот број и лозинката, не се објавуваат име и презиме на позитивните.
Електронското преземање на решенијата ќе го скрати јазот за нивна достава кој во некои случаи беше долг како и изолацијата. Од Инспекторатот велат дека Македонија била меѓу последните земји во Европа кои доставуваа хартиени решенија за изолација.