Во Кина децата на возраст од три години ќе почнат да примаат вакцини против Koвид-19, каде што 76 отсто од населението е целосно вакцинирано, а властите одржуваат политика на нулта толеранција кон вирусот.
Градските и провинциските власти во најмалку пет провинции во последните денови објавија известувања во кои најавуваат дека децата на возраст од 3 до 11 години ќе мора да се вакцинираат, пренесува агенцијата АП.
Провинциите Хубеи, Фуџиан и Хаинан издадоа известувања на ниво на провинција, што укажуваат на нови барања за вакцинација, а одделни градови во провинциите Жеџијанг и Хунан исто така објавија слични известувања.
Проширувањето на кампањата за вакцинација доаѓа во време кога одредени делови на Кина преземаат нови мерки за борба против вирусот.
Северозападната провинција Гансу, која е силно зависна од туризмот, денеска ги затвори сите туристички локации кога откри нови случаи на Ковид-19. На жителите во делови од Внатрешна Монголија им е наредено да останат во затворени простории.
Кинеската национална здравствена комисија објави дека се откриени 35 нови случаи на локално пренесување на вирусот во изминатите 24 часа, од кои четири во Гансу. Уште 19 случаи се откриени во регионот на Внатрешна Монголија, а другите се во целата земја.
За време на пандемијата, Кина примени ограничувања, карантини и задолжително тестирање на вирусот и во голема мера ги искорени случаите на локална инфекција и целосно вакцинира 1,07 милијарда луѓе во население од 1,4 милијарда.
Кина одобри две вакцини во јуни, вакцината на „Синофарм“ од Институтот за биолошки производи во Пекинг и вакцината на „Синовак“ за деца на возраст од 3 до 17 години, но во моментот се вакцинираат само деца на возраст од 12 години и постари.
Во август регулаторите одобрија друга вакцина на „Синофарм“ од Институтот за биолошки производи во Вухан.