Во насока на стимулација на интересот за вакцинација за заштита од КОВИД-19 и за спречување на ширењето на пандемијата, Владата денеска донесе одлука за еднократна финансиска награда во висина од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70% со вакцинација на своите пациенти од вкупниот број запишани кај нив.
На предлог на Комисијата за именување, на денешната седница проф. д-р Владо Бучковски е именуван за специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, со што практично му е продолжен мандатот кој истекува на 1 декември 2021 година.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата денеска донесе Одлука за распределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите.
Со 14,9 милиони денари предвидени со оваа програма ќе се финансираат повеќе инфраструктурни проекти во ромските заедници во Крива Паланка, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Ранковце, Делчево и Шуто Оризари.
На денешната седница е донесена Одлука за намалување на увозните давачки – царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи до 30.06.2022 година.
Намалувањето на увозните давачки е на нивото на царинските стапки на Европската унија со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.