Невакцинирани се 69 проценти од новите случаи на коронавирус во Македонија

Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани од позитивни случаи на коронавирус во период од 6 август заклучно со 25 ноември. За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примањето втора доза вакцина.

Во период од 6.8. до 25.11.2021 на територијата на државата 58.276 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 31 отсто биле целосно вакцинирани, односно 17.896 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле од Ковид-19. Според статистиката за изминатите месеци, 40.380 граѓани, односно 69 проценти од позитивните на Ковид-19, не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани е голем, од 468 моментно хоспитализирани пациенти, 91 се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во периодот од 6.8. до 25.11.2021 на територијата на државата починале 1.986 пациенти од Ковид-19, 1.571 пациент од починатите, односно 79 проценти, не биле вакцинирани, а 21 отсто, односно 415, примиле вакцина.

Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас.

Министерството за здравство укажува на важноста од вакцинацијата коментирајќи дека секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна.