Нема нови рестриктивни антиковид мерки, ќе се фокусираме на вакцинацијата вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека епидемиолошката состојба со коронавирусот е стабилна, двонеделната инциденца се намалува за некаде околу 14 проценти и во болниците се чувствува помал притисок.
На состанокот на Комисијата за спречување на заразни болести се разговарало и за новиот сој на коронавириост, омикрон, но во земјава засега остануваат досегашните мерки, вели министерот.
„Сметам дека некаква рестрикција во однос на затворање на граници, во однос на карантин за патници кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што очигледно е дека е детектиран и во некои европски земји и до сега видовме дека кога ќе се појави нов сој едноставно не може да се спречи да остане ограничен во една територија“, рече Филипче.
На утрешната владина седница ќе се разгледува предлогот за стимулација на матичните лекари по вакциниран пациент.