Носачи на вакцини и 1250 тестови од СЗО за Министерство за здравство

Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија денеска до Министерството за здравство/Институтот за јавно здравје достави пет носачи на вакцини и 1250 тестови и реагенси за секвенционирање вируси, во рамки на тековниот одговор на Ковид-19.

Целта е да се придонесе за ефективен одговор на Ковид-19 во земјава.

Како интегрален дел на складирањето на вакцините во ладен синџир, носачите на вакцини претставуваат кутии со изолација што се користат за транспорт на вакцини и разредувачи до локации на терен, како и за привремено складирање во текот на изведувањето на имунизацијата во здравствените установи, со што се одржува потребната температура за складирање и се задржува квалитетот на вакцините.

Џихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија, истакна дека подобрувањето на инфраструктурата на ладниот синџир ќе помогне вакцините што спасуваат животи, како вакцините против Ковид-19, така и редовните вакцини, да стигнат до оние на кои им се најпотребни.

„Покрај ладниот синџир, СЗО ги поддржува и сите други аспекти за зајакнување на имунизацијата, вклучително и градењетo на капацитетите на работниците во јавното здравство, здравствените работници кои ја вршат вакцинацијата, педијатрите, матичните доктори и останатите здравствени работници, преку прилагодени курсеви за обука за вакцинацијата“, додаде Тавила.

Таа ги охрабри сите целосно да се вакцинираат и да се придржуваат на јавноздравствените и социјалните мерки, бидејќи, како што рече, сите тие се од клучно значење за завршувањето на пандемијата и забрзувањето на закрепнувањето на глобално ниво.

Набавката на опремата и имплементацијата на проектот се поддржани од Германија и Центарот за превенција и контрола на болести на САД