Ова е Ковид-21, а не Ковид-19, вели белгискиот премиер за најновиот сој на вирусот

Можеме да кажеме дека ова е Ковид-21 наместо Ковид-19, тој е три пати позаразен од оригиналниот вирус.

Ова го изјави белгискиот премиер Александар де Крој за новиот вид коронавирус кој се појави во Африка, а е регистриран и во Белгија.

Де Крој предупреди дека новиот вид, означен како B.1.1.529, е многу различен од оној што се појави во Вухан пред две години, тврдејќи дека е три пати позаразен од него.

Новиот вид беше идентификуван во Боцвана на 11 ноември и се верува дека се шири во Јужна Африка.

Според досегашните сознанија, оваа варијанта на вирусот има 32 мутации во шилестиот протеин на вирусот, што би можело да му овозможи да го заобиколи имунитетот на вакцината, а Британската агенција за здравствена безбедност ја нарече „најлошата досега“.

Премиерот на Белгија најави и нов сет на мерки против коронавирусот, со цел да се спречи ширењето на четвртиот бран во таа земја. Мерките вклучуваат затворање на ноќните клубови и дискотеки на три недели, како и забрана за приватни прослави.