Прв случај на коронавирус во Тонга

Пацифичкото кралство Тонга го потврди првиот случај на коронавирус од почетокот на пандемијата, објави премиерот Похива Туионето.

Островот, кој се наоѓа на околу 2.300 километри северно од Нов Зеланд, ги затвори своите граници кога почна пандемијата и досега немаше ниту еден заболен од коронавирус.

Но, еден патник од летот за репатријација од Крајстчерч е позитивен, рече премиерот на прес-конференција.

Патникот и другите 214 други се изолирани и ставени во карантин.

Во авионот патувале сезонски работници и претставници на олимпискиот тим на Тонга, кои заглавија на Нов Зеланд на враќање од Олимписките игри што се одржаа во Токио во август, објавија локалните медиуми. Ним не им беше дозволено да влезат во Тонга со недели по откриањето случаи на Ковид-19 на Нов Зеланд.

Тонга вакцинира 48 отсто од возрасното население со првата доза, а 31 отсто се целосно вакцинирани.

Здравствените власти на Нов Зеланд вчера потврдија два случаја во Крајстчерч, први случаи во градот за една година.

Денеска се потврдени уште два случаја, но нема да бидат воведени ограничувања во градот бидејќи здравствените власти соопштија дека епидемијата е под конрола.

Министерството за здравство на Нов Зеланд соопшти дека го истражува случајот во Тонга и додаде дека патникот имал негативен тест пред да замине од Нов Зеланд.