Сите можеме да создадеме надеж преку акција и да бидеме светлина

Светскиот ден за превенција од самоубиства се слави секоја година на 10 септември. Започна во 2003 година на иницијатива на Меѓународната асоцијација за превенција од самоубиства (IASP) и Светската здравствена организација со цел да се подигне свеста за можноста за спречување на самоубиства, воспоставување соработка помеѓу клучните засегнати страни и промовирање активности за намалување на инциденца на смрт од самоубиства, обиди за самоубиство и самоубиствени мисли. Оттогаш секоја година се организираат соодветни тематски активности по повод овој Ден, и активно работи на развивање на свеста за прашањето и важноста на превенцијата од самоубиства.

Според податоците на Светската здравствена организација, 1 од 100 смртни случаи во светот е резултат на самоубиство, односно околу 703.000 луѓе годишно умираат од самоубиство. Самоубиствата се многу сложен и слоевит јавно здравствен и социјален проблем, чиешто решение треба да се решава систематски и мултидисциплинарно. Затоа, исклучително е важно да се подигне нивото на свесност за самоубиствата и да се промовира употребата на докажани механизми за спречување и намалување на бројот на самоубиства, а Светскиот ден за превенција од самоубиства е вистинската можност за тоа.

Темата, поточно слоганот на овогодинешното одбележување на Светскиот ден за превенција од самоубиства е „Да создадеме надеж преку акција“. Иницијаторите на оваа кампања се обидуваат да пренесат дека сите ние можеме да придонесеме за спречување на самоубиствата и да им дадеме надеж на загрозените. Секоја наша постапка, дури и најмала, може да помогне некому во најмрачните моменти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Северна Македонија, бројот на умрените лица од насилна смрт е зголемен за 54.6 % во однос на претходната година и изнесува 677 умрени лица. Умрените од насилна смрт учествуваат со 2.4 % во вкупниот морталитет. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2021 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 61.9 %. Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат „несреќните случаи“ со 83.3 %, „самоубиствата“ со 15.5 % и „убиствата“ со 1.2 %.

Кај категоријата „самоубиства“ најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради „бесење,
странгулација и суфокација“ со учество од 8.3 % во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт. ( Извор Државен завод за статистика 22 јуни 2022 год ).

Душевните растројства, примарно депресијата и растројствата од злоупотреба на алкохол, насилството, загубите во текот на животот, културната и социјалната позадина, претставуваат важен ризик фактор за самоубиство. Првите се важен ризик фактор за самоубиство во Европа и Северна Америка, додека во Азиските земји импулсивноста игра важна улога. Самоубиството е комплексно и вклучува психолошки, социјални, биолошки, културни и други фактори на средината.

Самоубиството кај помладите генерации се вбројува меѓу главните причини за смрт. Но што се всушност причините за самоубиство? Иако одговорот никогаш не е конечен, лекарите и психолозите сметаат дека 90 проценти од луѓето што извршиле самоубиство страдале од психички болести. Дел од ризиците не се само депресиите, туку и зависностите и анксиозноста. Истражувањата покажуваат и дека влијание врз бројот на самоубиства имаат и невработеноста и економските кризи. Педагогот Елизабет Брокман ( Германија), вели дека луѓето често стремат кон едноставни одговори како причина за самоубиство, како „затоа што шефот беше лош, затоа што училиштето бараше многу, затоа што сопругот беше ретко дома“, но тоа нема врска со реалноста, зашто за самоубиство секогаш има многу фактори. Георг Фидлер од Центарот за терапија од зависности на универзитетската клиника Хамбург-Епендорф и секретар на Националната програма за превенција од самоубиства вели: Кога постои опасност од самоубиство не станува збор дека човек сака да умре, туку не знае како да продолжи да живее.

Сите ние можеме да играме улога во поддршката на оние кои се соочуваат со самоубиствена криза или оние кои се ужалени од самоубиство, без разлика дали како член на општеството, како дете, како родител, како пријател, како колега или како личност со доживеано искуство. Сите можеме да поттикнеме разбирање за проблемот, да допреме до луѓето кои се борат и да ги споделиме нашите искуства. Сите можеме да создадеме надеж преку акција и да бидеме светлина.