Словенците збунети од најновите антиковид мерки

Новата уредба на словенечката влада, чија цел е да ги ограничи контактите надвор од домот, отвори голем број прашања поврзани со практична примена, имајќи предвид дека привремено забранува собирање луѓе, освен во случаи на блиски членови на семејството или заедничко домаќинство.

Според словенечкиот портал Н1, оваа земја е прва во светот по бројот на заразени со корона вирусот, а последната уредба предизвика конфузија кај населението.

Прославите и свадбените церемонии се привремено забранети, родендените може да се слават со членови на семејството или заедничко домаќинство, но не и со пријателите.

Протестите или собирите не се забранети бидејќи словенечкиот Уставен суд во јули пресуди дека таквата забрана е неуставна.

Може да се одржуваат состаноци со почитување на епидемиолошките мерки, а организаторот е одговорен за проверка на ПЦР тестовите.