Ќе има скрининг за корона во училиштата, објавено кој може да прими трета доза

Министерот за здравство, Венко Филипче кажа дека Комитетот за имунизација донел одлука да се препорача трета доза вакцина за три категории граѓаните. Во следните денови ќе има и скрининг во основни и средни училишта, бидејќи има трансмисија која е мала.

„Сакаме скрининг на состојбата, бидејќи децата се често и асимптоматски преносители. Методологијата ќе ја кажеме во следните денови, бидејќи бара согласност од родителите и така натаму“, рече Филипче.

Најмалку шест месеци од втората доза треба да бидат поминати за да добијат трета доза.

„Нема никаков притисок во болниците, се зголемува бројот на слободни кревети во интерните клиники и Инфективната клиника. Имајќи во ова во предвид, како и трендовите во делот на бројките, податоците кои излегуваат од научни студии, вчера имавме и интензивни разговори со Комитетот на имунизација. Се препорачува трета доза на вакцина кај граѓани над 60 години, кај сите здравствени работници и трета доза кај пацинети кои имаат имуно компромитирана состојба. Третата доза на вакцина треба да биде од Фајзер, а ќе пратиме понатаму дали ќе има други препораки, односно други производители“, рече Филипче.