87 проценти од починатите од коронавирус изминатиот месец не биле вакцинирани, додека 80 проценти од новозаразените, исто така, не биле вакцинирани, објави Министерството за здравство.
Податоците се однесуваат за периодот од 6 август до 9 септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
„Во период од 6.8. 2021 до 9.9. 2021 на територија на државата 26.053 граѓани, се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 19% биле целосно вакцинирани, односно 5.175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80% од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84%, додека само 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани“, се наведува во извештајот.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид-19, 591 пациент (87%) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12%) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцините на „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
„Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, апелираат од МЗ.