Министерот Венко Филипче смета дека бранот спласнува, односно дека се намалува бројот на заболени. Тој негира дека нема доволно термини за тестирање во државните здравствени институции, иако докторите постојано реагираат на тоа.
„Бројот на новодијагностицирани случаи се намалува. Нема никаква гужва во ЦЈЗ ниту во Институтот. Претходно имаше редици. Лабораторијата е до Министерството за здравство. Не доаѓаат луѓе, значи термини има. Нема информации дека нема термини. Кога имаше потреба, алармираа Центрите и Институтот да се пуштат повеќе термини, рече Филипче.
Според него, ако се заразат вакцинирани лица тоа е со полесно форма на болеста, па поради тоа системот не очекува силен бран односно притисок во болниците. Смета дека болниците се спремни и на тоа.
„Во однос на очекувањата, навистина е тешко да се каже. Но сметам дека со оглед на тоа што овој бран беше силен и имаше голем број на новодијагностицирани пациенти и пациенти на кои им беше потребно болничко лекување само во градовите каде имаше низок опфат со вакцинација, а во градовите каде беше повисок немаше гужва во болниците, сега на територија на цела држава е пораснат опфатот со вакцинацијата, сметам дека силен бран не би требало да има. Но, тоа не значи дека не треба да сме внимателни и да ја пратиме состојбата. Очигледно е дека вакцинацијата го прави своето. Очигледно е дека има ефект од процесот на вакцинацијата, тоа е докажано“, додаде Филипче.