Европската агенција за лекови (ЕМА) го препорача експерименталниот лек на компанијата „Мерк“ да се дава во првите пет дена од почетокот на симптомите на Ковид-19 кај оние возрасни на кои не им е потребна кислородна поддршка, но се во ризик од развивање тешка форма на болеста.
Европската агенција за лекови наведува дека лекот треба да се зема двапати на ден во период од пет дена.
Сепак, ЕМА советува да не се лекуваат бремени жени или жени што планираат бременост.
„ЕМА издаде препорака за поддршка на националните власти што би можеле да одлучат за можната рана употреба на лекот пред да биде пуштен на пазарот во момент на зголемените инфекции и смртни случаи од Ковид-19 во ЕУ“, порача европскиот регулатор.
ЕМА денеска почна да ја прегледува и документацијата за лекот на „Фајзер“ за евентуално да даде препораки за неговата употреба пред одобрувањето.
Европскиот регулатор исто така денеска порача дека за време на лекувањето со лекот не треба да се дои.