Идните пандемии би можеле да бидат посмртоносни од сегашната криза со Ковид-19, предупреди Сара Гилберт, професорка на Универзитетот Оксфорд и една од креаторите на вакцината на „Астра зенека“.
Гилберт предупредува и дека вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни против новиот сој омикрон и дека луѓето треба да бидат повнимателни додека не се добијат дополнителни информации за оваа варијанта, пренесува Би-Би-Си.
„Ова нема да биде последен пат вирусот да ни се заканува по нашите животи. Вистина е дека следниот може да биде полош. Може да биде позаразен, посмртоносен или и двете“, рече Гилберт.
Таа вели дека се потребни повеќе средства за да се зголеми подготвеноста за следната пандемија, со цел да не се изгубат досегашните постигнати резултати.
„Напредокот што го постигнавме и знаењето што го стекнавме не смее да се изгуби“, рече Гилберт.
Зборувајќи за сојот омикрон, таа истакна дека неговиот шилест протеин содржи мутации за кои е познато дека го зголемуваат преносот на вирусот.
„Но, има дополнителни промени кои би можеле да значат дека антителата создадени од вакцините или инфекција со други соеви може да бидат помалку ефикасни во спречувањето на инфекцијата со омикрон“, додаде Гилберт.
Обединетото Кралство вчера забележа 86 случаи на заразени со новиот сој омикрон, со што вкупниот број на заразени со новиот сој досега се искачи на 246 лица.