Европската комисија објави дека постигнала договор со Фајзер/Бионтек за испорака на 20 милиони дополнителни дози вакцина против Ковид до земјите-членки во првата половина на 2022 година за да се олесни кампањите за вакцинација.
Комисијата, исто така, објави дека истовремено ја активирала „првата опција да нарача повеќе од 200 милиони дози според третиот договор со Фајзер/Бионтек“.
„Споменатата нарачка ги опфаќа и вакцините погодни за варијантата омикрон, доколку таквата вакцина стане достапна во догледна иднина“, се вели во соопштението на Комисијата, додавајќи дека испораките треба да почнат од вториот квартал на 2022 година.
Во првиот квартал од 2022 година, „Фајзер/Бионтек“ ќе испорача 20 милиони дополнителни дози вакцина (5 милиони во јануари, 5 милиони во февруари и 10 милиони во март). Овие дози се додаваат на веќе планираните 195 милиони дози од Фајзер/Бионтек, што значи дека вкупниот број на испораки во првиот квартал би бил 215 милиони“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Постигнат е договор и со фармацевтската компанија Модерна за испорака на дополнителни дози на вакцина во текот на првиот квартал од 2022 година, се додава во соопштението.
„Ова ќе се покаже особено корисно за земјите-членки со краткорочна потреба од дополнителни дози на вакцина“, објасни Комисијата.
„Проширувањето на вакцинацијата за сите граѓани и примената на дополнителни, засилувачки дози се клучни и итни“, изјавија шефовите на држави и влади на ЕУ во четвртокот по самитот во Брисел.
„Со оглед на очекуваниот брз пораст на инфекциите со коронавирус, омикрон, овој потег е поитен од кога било“, се вели во соопштението на Комисијата.
Комисијата посочува дека омикрон би можел да стане доминантен вид во земјите-членки на ЕУ, каде што досега целосно се вакцинирани само 67 отсто од населението.