Комисијата за заразни болести го преиспитува начинот на заведување на починатите од Ковид-19 во обид да дојде до причините за високата стапка на смртност кај нас. Напорите се да се направи разлика помеѓу оние кои починале од вирусот и оние кои починале од други болести, но биле и позитивни на Ковид-19.
„Анализата што ја работевме има за цел да одговори и зошто имаме висока стапка на смртност и еве, еден проблем кој го лоцираме е слабата застапеност на трета доза. Втор проблем, односно втора дискусија која ја отворивме е шифрирањето на починатите од Ковид-19 и тука се обврзавме во следнава недела да имаме еден работен состанок со статистика, со Институт за епидемиологија кои го изготвуваат овој шифрарник за да направиме апдејт бидејќи изгледа дека шифрирањето се води по методологија која е од почетокот, можеби, на пандемијата. Веројатно тука има некој развој и размислуваме да го освежиме начинот на шифрирање, односно на класифицирање на болеста“, рече претседателот Петличковски.
Од почетокот на пандемијата во март 2020 година па досега Македонија постојано е на врвот на земји во светот со висока стапка на смртност, а неколкупати беше и на прво место по број на починати од Ковид-19 на 100.000 жители.
Бројот на починати од коронавирус кај нас изнесува 8.624 лица. Дел од досегашните објаснувања на здравствените власти за високата смртност кај нас беше различната методологија за заведување на починатите во споредба со земјите во регионот.