Бројот на оздравени од КОВИД – 19 во Македонија почна да расте

Македонија денеска ја заврши седмата недела од моментот на откривање на првиот случај на коронавирусот во земјава, на 26 февруари 2020 година. Токму на крајот на таа седма недела, земјата регистрираше и најголем број на смртни случаи во еден ден, како последица на ковид-19, вкупно 6. Но, во исто време, денеска има и најголем број на оздравени пациенти во изминатото деноноќие – 42, објави 360stepeni.mk.

Кумулативниот преглед на бројот на смртни случаи, јасно покажува тренд на раст. Првите смртни случаи беа во четвртата недела, вкупно 2. На крајот на петтата недела имаше 9 починати, на крајот на шестата 26 а заклучно со денеска 44.

Но, трендот изгледа поинаку ако се пресметаат смртните случаи по недели. Податоците покажуваат дека седмата недела од појавата на болеста има само еден смртен случај повеќе од шестата.

Односно, во седумте дена од четвртата недела имаше двајца починати од ковид-19 а во петтата недела имаше уште 7 нови смртни случаи. Во шестата недела бројот порасна на 17, додека во последните седум има 18 починати од ковид-19, објави 360stepeni.mk.

Додека е рано да се тврди дали Македонија ја „израмнува“ линијата на починати од ковид-19 на неделно ниво, со одминувањето на времето од појавата на болеста, почна да се зголемува и бројот на излечени пациенти.

Кумулативно, до крајот на четврата недела во земјава имаше само еден излекуван. До крајот на петтата недела таа бројка се искачи на 12, на крајот на шестата на 30 за до денеска да има вкупно 86 излечени од ковид-19.

Македонија сепак има најмногу смртни случаи на 1 милион жители споредено со земјите од соседството. Според worldometers.info/coronavirus/ просекот е 21 лице, на претпоставена популација од 2,1 милион жители. Најблиску до земјава е Србија, со 11 смртни случаи на 1 милион жители, по што следат Грција, Албанија, Бугарија, Косово.